25/04/2024

Одбележување на 5 декември-Светски ден на волонтерството

 

Меѓународниот ден на волонтерите 5 декември се одбележува во целиот свет и оддава признание на солидарноста на волонтерите кои одговараат на повиците во кризни ситуации, секојдневно помагаат во спасување на животи и даваат поддршка на оние кои сакаат својот живот и понатаму да го живеат достоинствено. Со организирање конференција за волонтерство со слоганот–Волонтерите градат стабилни заедници, денес, и Република Македонија го одбележува 5 декември, Светскиот ден на волонтерството.

Обединетите Нации во 1985 година го утврдија овој ден како Меѓународен ден на волонтерите. Една од глобалните цели која е воспоставена е дека волонтерите треба да тренираат, да се обучуваат, да се вмрежуваат во однос на делувањето во случај на природни и други несреќи.

Капацитетите на цивилната заштита можат да бидат засилени со регрутација на дополнителен персонал, се со цел да може навремено да се одговори на различните потреби на загрозеното население и имот.  Во активностите за одговор на катастрофите, преоптеретените капацитети на цивилната заштита би се подобриле со доброволна мобилизација на граѓаните. Спонтаните организирања на граѓаните покажуваат солидарност, меѓутоа, особено изразена е потребата за организиран систем за регрутација. За таа цел цивилната заштита има потреба за одреден број на лица волонтери)  кои би поминале обуки со цел одговарање на потребите и давање помош на граѓаните и заедниците, за на тој начин да се зајакнат капацитетите на цивилната заштита во областа на заштитата и спасувањето во случај на природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човечко делување.

Имајќи предвид дека волонтирањето е активност во интерес на системот за заштита и спасување на луѓе и материјални добра, Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија располага со бројка од над 450 лица(волонтери) и  со нив има одлична соработка , а притоа тежнее кон зголемување на таа бројка.

Дирекцијата за заштита и спасување на сите сегашни и идни волонтери им го честита 5 декември, Светскиот ден на волонтерите.