Дирекцијата за заштита и спасување, согласно Законот за заштита и спасување и Законот за шумите, презема мерки и активности за превентивно делување во врска со заштитата од можни шумски пожари и други пожари на отворен простор во наредниот период. За поуспешна заштита од настанување на евентуални пожари, Дирекцијата за заштита и спасување известува дека, заради зголемувањето на надворешните температури и сушниот период, се зголемува и опасноста од настанување на шумски пожари и други пожари на отворен простор и дека ваквата состојба наложува поголема будност и мобилност на сите граѓани и субјекти во заштитата од пожари. Како неопходни мерки за намалување на опасноста од настанување на шумски пожари и други пожари на отворен простор, Дирекцијата за заштита и спасување упатува апел до сите граѓани на Р. Македонија: - да не се пали оган на отворен простор и на необезбедени места; - да не се палат стрништа, земјоделски и други површини; - да не се фрла стакло, стаклени шишиња, и друг стаклен отпад; - да не се врши палење на отпад и друг горлив материјал; - да не се фрлаат отпушоци од цигари и догорчиња. Доколку забележат пожар на отворен простор граѓанска должност е на секој граѓанин во случај да открие пожар на отворен простор најбрзо што може да го пријави во надлежните институции. Од брзината на јавувањето, содржината и точноста на информации зависи и исходот односно успехот на акцијата за гасење на пожарот. Граѓаните најпрво треба да се јават и да пријават во Против Пожарната Служба на бројот 193 и во Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во зависност на подрачјето на кое се наоѓа пожарот. Најпрво треба да се представат, да ја кажат точната локација од каде се јавуваат потоа локацијата на настанатиот пожар (име на местото, име на најблиско населено место и сл), да го кажат видот на вегетација кој гори (дрвја, грмушки, трева и сл). Доколку забележат сомнително возило во близина на пожарот, да го запишат бројот на регистерска табличка или да го запомнат. Доколку граѓаните сметаат дека пожарот е мал и безбедно можат самите да го изгаснат, тоа нека го сторат со прирачни средства. Во спротивно нека се оддалечат на безбедно растојание. За да може дежурното лице правилно да ги разбере граѓаните кои пријавуваат пожар потребно е за време на разговорот да зборуваат бавно и разбирливо како би се постапило правилно.