14/10/2024

Никој не барал помош од Дирекцијата за заштита и спасување

Старата и немоќна мајка на Златко Божинов во вонредни услови ќе најде сила и начин да го одржи во живот тешко повредениот и премрзнат син додека да дојде помош. Иако борбата со тешко-проодливиот планински терен ќе трае со часови, лекарите од Здравствениот дом во Кратово ќе најдат начин да стигнат до 65 годишниот сточар Божинов на кој му треба Итна помош. Единствените кои тој ден ќе потфрлат се институциите кои требаше да сторат се за да стигне до болница. Златко Божинов вчера беше погребан во Кратово. Освен Центарот за управување со кризи, најмалку уште три други институции можеле и требале да се јават во Дирекцијата за заштита и спасување.

 

 

Пишува:Христина Беловска; Дополнително известување: Александра Денковска, Давид Илиески; Илустрација: Лука Блажев
 

Трагичната приказна на Златко Божинов минатата недела беше споделена на социјалните мрежи од лекарот Павле Зафиров. Тој беше дел од медицинскиот тим кој надлежните го оставаат на цедило, па немајќи чаре, прават носилка и тргнуваат пешки кон болницата во Пробиштип. Анализата на ИРЛ на институционалните надлежности и поврзани документи, архивските пребарувања и интервјуа и разговори со сите засегнати, како и реконструкцијата на настанот, покажува дека не само оперативецот на Центарот за известување и тревожење , туку уште најмалку три институции можеле и требало да ја повикаат Дирекцијата за заштита и спасување. Но, проблемот е многу посложен. Наодите на ИРЛ вклучуваат децениски долго запуштање на безбедносно стратешките институции кои треба да не’ чуваат од несреќи и природни катастрофи. 

  1. Никогаш не бил потребен протокол за некој да знае дека треба се јави во Дирекцијата за заштита и спасување. Вработените добивале обуки пред почетокот на работното место, а критериумите за прием покажуваат дека кандидатот веќе доаѓа добро подготвен.
  2. Никој не се погрижил да проработи најавената линија со единствен телефон за пријавување несреќи, кој потенцијално треба да спречи вакви трагедии.
  3. Најповиканите да ги спасуваат граѓаните од несреќи, од пожари и поплави немаат основни средства за да ја вршат својата работа.
  4. Кратовската пожарна понудила луѓе, бидејќи не поседува соодветни и доволно исправни возила за своите основни потреби.
  5. Најмалку тројца претходни директори на Центарот за управување со кризи предупредиле јавно дека системот се распаѓа поради отсуство на финансии и постојани скусувања.
  6. Никој не побарал помош од локалните жители, иако располагаат со теренски возила.
  7. Никој никого не координирал. Секој следен во синџирот за известување ги правел истите работи како оној пред него и повторно се правеле истите повици на кои што, на пример, пожарната по петти пат кажувала дека нема возила.
  8. Дел од институциите не го дале ниту својот минимум за да му помогнат на Златко Божинов и на лекарите.
  9. Дирекцијата за заштита и спасување е единствена која можела да интервенира со тим за спасување на планина, возила, а доколку е потребно и хеликоптер. 

 

 

Директорот на Центарот за управување со кризи вчера призна дека оперативецот направил пропуст што не ја повикал Дирекцијата за заштита и спасување, но ИРЛ открива дека тој не бил единствен. 

„Во овој момент, можам да кажам дека од страна на Комисијата формирана за да се расчисти овој случај е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побаран хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување, тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде дадена дисциплинска постапка”, рече Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.

Сепак, институционалната одговорност никој не понесува. Дури и самиот Ангелов изјави дека не си дава оставка и се обидува да продаде привид дека некој постапува и нешто се прави во делот на утврдувањето на одговорност.

Фијаско со смртни последици

30 март, вторник

20:00

Златко Божинов излегува да ги провери овците, кои ги одгледувал во бачило во близина на куќата. Ова е периодот во којшто овците се јагнат, па вниманието на Златко е потребно во текот на целото деноноќие. Во куќата спие неговата мајка Стефанија Божиновa со која што живее во планинското село Емирица, кратовско. Селото е од разбиен тип, па така, за да стигнат до првите соседи би им требале два часа пеш. 

31 април, среда

02:00

Во два часот по полноќ, Стефанија ќе се разбуди и ќе забележи дека синот го нема. Го наоѓа на околу 200 метри од куќата, паднат наземи. Сака да го внесе во куќата, но нема сила. Не знае да ракува со телефон, но пробува со часови додека се обидува со топли ќебиња да го одржи синот жив на планинскиот студ. Ноќта минува во знакот на натчовечките напори на една мајка да го спаси своето дете. 

06:00

За прв пат ракувајќи со мобилен телефон, во шест часот успева да ја добие нејзина ќерка. Околу седум часот внукот на Златко добива повик од мајка си. 

„Веднаш се упатив до Итната помош. Им кажав што барам и јас со мојата “Лада нива”, а тие со нивната се упативме кон планината. Мислевме ќе стасаме до куќите со возилата, но заглавивме во калта”,, раскажува за ИРЛ Александар Јакимовски, внук на починатиот сточар.

Во спасувачката мисија со Јакимовски доаѓа неговиот кум, лекарот Павле Зафиров, медицинскиот техничар и возачот. На половина пат, теренот се влошува и ладата на внукот заглавува. Пропаѓаат сите обиди да ја извлечат, па тимот тргнува пеш.

10:30

Петмината пристигнуваат во домот на Божинови, последната куќа во селото Емирица. Мајката Стефанија бдеела над премрзнатиот син повеќе од осум часа.

„За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сеуште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето“, напиша докторот Павле Зафиров на Фејсбук.

Го внесуваат во домот, каде што се обидуваат да го стоплат, сечејќи ја замрзнатата облека од телото, а во меѓувреме докторот констатира дека итно мора да го однесат во болница. 

11:00

Првата институција со којашто лекарите од терен ќе комуницираат е болницата во Кратово каде што работи докторот Павле Зафиров. Тој ги известува за тешките услови и бара да се информира регионалниот Центар за управување со кризи за да испратат возило на помош. Паралелно со докторот, ѕвони и внукот Александар на повеќе од три места. 

„Вртевме во пожарната таму ни рекоа дека немаат асално возило, свртевме и во Комуналното пртпријатие за да ни пратат возило кое ќе го исчисти снегот, од таму добивме одговор дека била извадена корпата за чистење“, вели Александар.

Во очај да го спаси својот вујко, Александар со замолница за помош ќе тргне да се јавува и кај кратовскиот градоначалник Љупчо Бојаџиев. Прво ќе се обиде да го добие на општинските телефони. Оттаму никој не одговара. 

„После го добив и неговиот мобилен и таму ѕвонев два пати, но не ми крена“, раскажува Александар. 

Минуваат три часа во вртење телефони по разни институции со цел да се најде возило и начин да се извлечат лекарите и повредениот и животно загрозен Златко. Веќе никој не се надева дека некој ќе се погрижи за 65 годишниот сточар да стаса побрзо во болница. Докторот Павле Зафиров одлучува да направат импровизирана носилка со колци на кои биле зашиени ќебиња и јамболии и на раце да го носат Божинов. Околу 15 часот групата од петмина спасувачи го почнува патешествието по козјите и стрмни патеки на осоговската грамада.

ИРЛ разговараше со информираните надлежни лица и нивни вработени во повеќе институции во Кратово и во Скопје. Шесте институции од Кратово и петмината кои го спасувале Златко немаат иста верзија на настаните, а некои од тврдењата и драматично се разликуваат од тие на лекарот и внукот.

На првата прес конференција директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, ќе го направи првиот обид индиректно да ја префрли вината на друго место. Во неговата прва верзија, виновна е општината која што не се грижи доволно за да ги поврзе своите села со центарот на градот. 

Сведоштвата упатуваат дека се изгубило драгоцено време поради лошата координација, но и дека дел од  институциите не покажале никаква проактивност. Од акција, заедничко  им е тоа што сите се јавиле во Пожарната, а никој во Дирекцијата за заштита и спасување. 

Првиот повик за спас 

Во 11 часот, Зоран Стефановски, командирот на противпожарната бригада Кратово прв ќе разбере што му се случува на Златко кога ќе му се јави внукот Александар Јакимовски. Се барало теренско возило кое ќе помине низ стрмните патеки и ќе стаса до  пациентот кој бил жив и повремено ги отворал очите.

„Mи рече заглавивме со две теренски возила не можеле да излезат, луѓе не ми побара за помош. Јас му кажав дека имаме стара Лада нива која едвај оди на суво, а камоли по планина и го упатив да се јави на градоначалникот оти има општината трактор за чистење снег.”, раскажа за ИРЛ пожарникарот Стефановски. 

Ним, безброј пати им се јавила секоја инстиутција која била контактирана од семејството или од ЦУК. Сите го добивале истиот одговор, дека Пожарната е “најутепаната” институција во Севериостокот. 

„Возиме  распадната Лада нива која е стара 30-тина години. Имаме едно „Волво” донација од Англија од 1994-та година, во 2019-та ни донираа комбе марка „Мерцедес” oд Словенија и тоа едвај оди. Учествуваме во сообраќајки, симнуваме удавени или луѓе пропаднати во бунари, па и мачки од дрвја, ама ресурси немаме, пожари гасиме пешки”, се пожали Стефановски.

12:00

Вториот повик ќе стигне до Тони Ивановски, регионалниот оперативец од ЦУК. Ќе го повикаат лекарите од кратовската болница. Во ова известување, изостана личното сведоштво на Ивановски бидејќи институцијата инсистираше комуникацијата со медиумите да оди преку портпаролот Илија Бојаровски. 

Директорот Ангелов во првичните изјави ќе рече дека Ивановски се обратил на пет места за да бара џип, бидејќи такво возило му било побарано, истакнувајќи дека “никој не му побарал хеликоптер”.  

13:25

По истиот принцип одлучи да постапува и МВР. Информациите од заменик-командирот на кратовската полиција, Роберт Јанковски, ги пренесе портпаролот Тони Ангеловски.  

Заменик-командирот Роберт Јанковски добива информација од ЦУК  дека е потребно теренско возило за да се спаси премрзнат сточар. Барањето е одбиено затоа што полицијата во Кратово не поседува такво возило.

„Не можело да се испрати теренско возило во планината, оти го немало, но им била понудена помош од луѓе, “ објаснува за ИРЛ портпаролот Тони Ангеловски.

Четириесетина минути подоцна, околу 14 часот Ивановски од ЦУК се обраќа и до командирот на противпожарната бригада. Ивановски го прераскажува разговорот со полицаецот Јанковски и нивната комуникација завршува со заклучок „да видиме што да се направи сега”. Ивановски продолжува да бара џип.

Институциите што имале теренски возила, но биле зафатени

ИРЛ открива дека две институции, сепак, можеле да помогнат: „Комуналец” и Македонски шуми. Но,  двете институции кои располагаат со теренски возила за непредвидливиот терен до Емирица не одговориле на барањата. И во двата случаи имало информации дека тие возила се веќе зафатени и се на терен. Но, нема информации како завршила комуникацијата и зошто се појавил проблемот во комуникацијата.

Со Тодорче Кировски, директор на Јавното комунално претпријатие “Кратово” разговарал прво внукот на сега починатиот сточар. И двајцата ја потврдија комуникацијата, но со разлики во содржината.

 .„Некој Тоше од комунално ми кажа била извадена корпата за чистење и дека собира смет моментално, јас со него разговарав”, раскажа внукот Александар.” 

По оваа комуникација директорот Кировски тврди дека се јавил до Тони Ивановски од ЦУК, а потоа разговорот му го пренел и на градоначалникот Љупчо Бојаџиев.

 „Добро знаат од ЦУК за кој терен се работи. Јас лично му ѕвонев на Тони во таа ситуација и ме праша со какви возила располагаме и му набројав: Трактор, голем и мал камион за смет, а понудив и мој приватен џип за да ги превезат од селото и реков имам и луѓе кои може да помогнат. “

Kако завршува овој разговор и кој е заклучокот, зошто не се пратило некое од понудените возила нема одговор од ниту една институција. Дел од претпоставките се дека возило било понудено  предоцна, односно кога спасувачката екипа минала подолг дел од патот. 

Единствен од сите кои ги побаравме, а не ни одговори е директорот на подружницата на Македонски шуми во Кратово. Јорданчо Лазаревски го дочека нашиот повик додека појадуваше, па откако му објаснивме кои се прашањата спушти слушалка и не се прејави. Единствениот одговор кој го даде е дека неговото претпријатие има три неисправни и две исправни возила и тие биле со работниците во шума. 

Градоначалникот Бојаџиев не пратил трактор, оти и носилката ќе завршела работа

Љупчо Бојаџиев или од 2017-та година познат како „офталмологот кој го победи Ѕинго”, веќе четири години управува со Кратово. Одлично го познава и здравствениот капацитет на ова мало градче во кое има два мандата како директор на ЈЗУ Здравствен дом Кратово. Два повика од Емирица ги оставил неодговорени бидејќи не знаел кој го бара. Подоцна тврдеше дека бил на седница на Советот и затоа не одговорил. Сепак, вели дека за овој случај зборувал со колегите од Здравствениот дом. 

„Штом видов дека имам пропуштени повици се слушнав со директорот на Здравствен дом. Тој побара трактор, но јас им кажав прво да го стабилизираат човекот и да направат импровизирани носилки и така да го носат.”

Проценката на Бојаџиев е дека не било ситуација за која е потребен хеликоптер, но ниту пак за уште едно дополнително возило. 

 „Ние како општина имаме „Дачиа Дастер”, но возила не биле испратени, затоа што исто е дали ќе се пушти уште едно возило или ќе го однесат со носилка. Од она што јас го имам како информација е дека на докторот кој бил на терен му било понудено и од ЦУК и од Здравствениот дом да се испрати уште едно возило со медицинска екипа, но докторот наводно одбил. Тодорче Кировски  дури го понуди и својот џип. Дури потоа дознав дека горе имало уште едно заглавено возило кое на крај било извлечено со возилото на Здравствениот дом.”

Но, општината е една од институции кои што исто така можеле и требале, но не ја известиле ДЗС иако знаеле за случајот. Нивните обврски се уредени со Законот за управување кризи бидејќи локалната самоуправа го чини Системот за управувањес со кризи, заедно со вооружените сили, Собрание, Влада, Претседател и силите за заштита испасување. Овој закон го поставува и системот на информирање и одговорности на ЦУК.

Никој не ја барал Дирекцијата за заштита и спасување

Основна функција на Дирекцијата за заштита и спасување е да спасува луѓе, да ја заштити животната средина, материјалните добра, природните богатства, животинскиот и растителниот свет и културното наследство од природни непогоди и други несреќи во мир, вонредна и воена состојба. Ова е институцијата која по повик можела да повика и хеликоптер или да прати спасувачки тим, но во целата координација и комуникација во Кратово, била заобиколена. Тие се и единствените обучени за помош во вакви ситуации. Но, никој не ги известил. Тоа требало да го стори Центарот за управување со кризи, но можело и полицијата и секоја од контактираните институции. Од ДЗС велат дека често пријави добиваат од полиција или итна помош. 

„Оперативецот на ЦУК проценил дека нема потреба да се обраќа во регионалната ДЗС бидејќи знаел дека нема возила, а имал некои негови информации дека имало позитивни од КОВИД-19 периодов, вели портпаролот на ЦУК Илија Бојаровски. 

Но, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути тврди дека можеле да интервенираат доколку била побарана помош. Тој смета дека е пропуст што ниту една од информираните институции почнувајќи од ЦУК не се обратиле кај нив. Имаме тим за спасување на планина и можеме најдоцна за еден час да ги упатиме таму, а ќе најдевме и возило, уверува Максути. Во ДЗС почнале да собираат информации од терен.

“Тимовите на ДЗС можат да стигнат за најдоцна за еден час на тоа место”, вели директорот и додава дека во вакви случаи нив може да ги извести и полицијата и брзата помош, на пример. 

 

Допис на подрачното одделение на ДЗС во Кратово по барањето на информација од страна на директорот кој за настанит дознал од социјалните мрежи. ДЗС има свое одделение во Кратово, но никој не ги побарал.

Тој вели дека дури во неделата во 19:48 видел на социјалните мрежи што се случило и веднаш ја повикал раководителката за оператива и логистика да му објасни што е работата.

„По закон ЦУК не’ информира нас и бара помош, тие менаџираат во овие случаи, а не се исклучува можноста и за другите институции било кој да алармира. Хеликоптери ДЗС нема, но се јавуваме во МВР или АРМ.  Но, не се ангажира хеликоптер туку така, ние бараме таква интервенција во случај кога нашиот тим на планина известува дека нема услови по земјен пат да биде завршена акцијата.” објаснува за ИРЛ Душка Целеска , раководителка на Сектор за оператива и логистика во ДЗС.

6 април вторник

07:10

Информација за смртта на Златко Божинов пристигнува од штипската болница. По една недела лекување Божинов ја губи битката како последица на компликации од крвавење во мозокот. При прием на пациентот констатиран е мозочен удар.  Токму поради тешката состојба во која е однесен премрзнатиот Божинов околу 20 часот во средата на 31 март, лекарите во Пробиштип итно го праќаат во болницата во Штип.

Повици за одговорност од фотелји

Тековно  формирана е и петчлена комисија, а Тони Ивановски регионалниот оперативец од ЦУК, на 6 април е повикан да даде отчет во Главниот штаб во Скопје и да објасни како ја координирал акцијата и кои се неговите одлуки. 

Најгласните повици за утврдување на одговорност пристигнаа од двајцата заменици во Владата на премиерот Зоран Заев.  Одговорност побара вицепремиерот за европски прашања,Никола Димитров, а како случај почна да го разгледува Љупчо Николовски. Насоките од вицепремиерот се да се отворат внатрешни постапки за испитување на случајот во МВР и ЦУК. 

„Во овој момент, можам да кажам дека од страна Комисијата е констатирано дека од оперативецот во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување, тоа е кршење на стандардните оперативни процедури и за истото ќе биде дадена дисциплинска постапка. Воедно, од хиерархиски надредените јас како директор на ЦУК не сум известен, бидејќи повеќе од сигурно доколку знаев за овој настан ќе побарав да биде вклучен хеликоптер при извлекувањето на лицето. Но, заради целосно расветлување на овој настан, одговорноста којашто неспорно постои кај нас, ќе ја бараме и на други места“, изјави Ангелов на денешната прес-конференција, еден ден по формирањето на Комисијата. 

Линк од истражувањето ТУКА