29/03/2024

Претставување на нацрт текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“

На 3 јуни 2019г во Кавадарци се одржа петата јавна дискусија за претставување на нацрт текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“.

На јавната дискусија покрај директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, учествуваа и државниот секретар во Министерство за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, првиот извршен директор на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, како и медиумскиот работник, Љупчо Бубо Каров.

Како едни од клучните поими за градење на еднакво општество, директорот на Дирекција за заштита и спасување Аднан Џафероски, ги потенцираше заедничките вредности, права и можности кои секој граѓанин треба да ги има, без разлика на етничката или каква било припадност, бидејќи правата и обврските во општеството се исти за сите, нагласувајќи дека национализмот и омразата се сериозни болести за секое општество.

„Наш императив треба да е враќањето на слободата и демократските процеси, а мултикултурализмот да биде вредност во нашето општество. Не смееме да дозволиме општество во кое ќе бидеме вреднувани по некаков етнички клуч, процент или квота. Ако сакаме да се познаваме и да имаме меѓусебна доверба, треба да почнеме да живееме еден со друг, а не еден покрај друг“, порача директорот на ДЗС, Аднан Џафероски.

Следната јавна дискусија за Стратегијата е во Куманово, на 7 јуни 2019г.