Директорот Беким Максути денес се состана со претставниците на Амбасадата на Франција во Северна Македонија, г-дин Станислас Мрозек, прв советник на Амбасадорот, г-дин Стефан Роперс, аташе за внатрешна безбедност и г-ѓа Анита Рамаданова, асистент на Аташето. На средбата се разговараше за актуелниот настан со огромното количество пронајдени неексплодирани убојни средства во Битола и потребата од меѓународна асистенција при нивниот транспорт и ништење. Беа разгледани повеќе можности и се понудија конкретни предлози за поддршка од страна на одговорните институции во Франција, во тој контекст.
Понатаму, гостите ја потенцираа досегашната успешна соработка на ДЗС со нашите партнери од Франција, а се разговараше и за интензивирање на билатералните активности и реализација на обуките одложени поради КОВИД пандемијата.
Директорот Максути потврди дека остануваме посветени во унапредувањето на соработка со нашите пријатели и срдечно им заблагодари на гостите за поддршката, а тие, посакувајќи му успех на новата должност, му врачија плакета од Генералната Дирекција за цивилна одбрана на Франција.