20/04/2024

Работна посета на градот Краљево, Република Србија

Претставници од Подрачното Одделение за заштита и спасување Струмица, Црвен Крст Струмица, ЦУК Струмица и претставник од UNDP Скопје, во периодот од 16 до 18.12.2018 година  реализираа студиска, работна посета на градот Краљево, Република Србија.
    Оваа посета беше организирана со цел размена на искуства  со колегите од Секторот за европски прашања и за цивилна заштита  при градската администрација на градот Краљево и е поддржана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а во рамките на проектот „Градење на акциска мрежа за урбана отпорност во Југоисточна Европа“ - SEE URBAN, во која покрај останатите земји од регионот, учествуваат и  Македонија и Србија.
    За време на посетата, беше организиран прием кај градоначалникот на Краљево, господин Предраг Терзиќ, на кој присуствуваше  и  шефот на Проектниот центар, госпоѓа Марјана Продановиќ, која нѐ ни презентираше низа проекти,  а воедно нѐ информираше за градот Краљево со своите културно-историски знаменитости и современиот начин на живот.
    Работниот дел од посетата се одвиваше во Одделението  за цивилна заштита во Сектор за цивилна заштита при градската управа, каде се презентираа системите за заштита и спасување, нивните сличности и  разлики, начинот на организирање и справување со сите предизвици, преку практични примери од секојдневното работење.
    За време на оваа активност, остваривме посета на  предучилишната установа "Олга Јовичиќ - Рита", каде што ни беа претставени активностите во врска со реализирани  обуки  со  вработените од  детската градинката  и реализирани  вежби со децата, сѐ со цел увежбување и подготовка за заштита и спасување и спроведување на проектот "Мала цивилна заштита".
     Вечерта се одржа средба со поверениците – волонтери  за цивилна заштита на градот Краљево, при што имавме можност да ги размениме  своите искуства и знаења, а од наша страна им беше претставен нашиот систем за заштита и спасување.
    Наредниот ден ни беа претставени уште неколку проекти за намалување на ризикот од шумски пожари, а од наша страна беше презентирана платформата МАКФФИС и останатите  апликации и системи на ЦУК.
    Претставниците на градот Краљево искажаа желба за посета на ДЗС, односно за нивно учество на вежба за гасење на шумски пожари, а возвратно нѐ поканија да го посетиме и користиме  нивниот Центар за обука сместен на планината Гоч.