29/03/2024

Можни излевања на водотеците

Согласно актуелната временска состојба и хидролошка информација од УХМР, како и можноста за серија на обилни врнежи од дожд над 50л/м2, а во крајните западни  и југоисточни делови над 70л/м2 Дирекцијата за заштита и спасување будно ја следи состојбата со зголемена мобилност и подготвеност на постојаниот состав на силите за заштита и спасување.
Доколку паднат за краток период на одредени помали сливни површини, можна е појава на локални излевања, па соодветно на тоа посочуваме внимателно движење покрај водотеците и суводолниците, во крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде постои можност од локални излевања и можна појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга.
Покрај овие региони, за особена внимателност од можна појава на локални излевања ги посочуваме сливовите околу планината Кожув и Гевгелиско-Валандовскиот крај.
Сите активности на следење и известување за моменталната хидролошка состојба се вршат во склад со Националниот план за заштита од поплави.
Силите за заштита и спасување од поплави се во оперативна состојба за нивно можно ангажирање а материјално-техничките средства и опрема со која располага за оваа намена Дирекцијата за заштита и спасување се во функција.
Претходно, согласно Законот и најавата од УХМР, Дирекцијата за заштита и спасување ги извести и предупреди своите подрачни оделенија и единиците на локалната самоуправа за потребата за преземање на мерки и активности во својот делокруг.
Дирекцијата за заштита и спасување е во постојан контакт и соработка со другите надлежни субјекти заради координирано делување и справување со можните појави на поплави и за истото навремено ке ги известува медиумите и населението.